Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, пред утрешниот натпревар со Бугарија, повика на фер навивање и коректно однесување, потсетувајќи дека „црвено-жолтите“ имале таков третман на гостувањето во Разград.

– Да ја оставиме политиката на политичарите, ние сме спортисти и само тоа треба да не интересира. Јас по мечот во Разград се заблагодарив на приемот, а сега ние треба да возвратиме на ист начин. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на федерацијата дека гледаме само на спортот. И јас ја повикувам публиката да биде фер и коректна, изјави Милевски на вечерашната прес-конференција.

Капитенот Енис Барди е оптимист дека конечно нападот ќе проработи и ќе се дојде до позитивен резултат.

– По поразот во Грузија со таква игра, беше тешко. Фудбалот се игра на резултат, не е добро кога ќе загубиш, ама одиме напред. Имаме уште една шанса, да покажеме дека тој резултат во Грузија не беше вистинска слика и со три бода можеме да извадиме позитивен момент. Ние имаме доста нови играчи, потребно е време да се запознаеме со дел од тимот. Како што гледам, сите даваат голови за клубовите, а тука или не ни оди или не нè сака топката. Мора да сме трпеливи, ќе дојде нашиот момент. Ја знаеме сопствената цел, тоа е пласман на Европското првенство. Мора да чекаме, потребно им е време на младите да се адаптираат. Ние постарите имаме искуство, а останатите се под мала тензија. Потребна е поддршка, сметам дека сме добра генерација и ќе направиме големи работи, истакна Барди.

Натпреварот ќе се игра утревечер со почеток во 20:45 часот на арена „Тодор Проески“ во Скопје.