По натпреварот, селекторот Благоја Милевски го коментираше дуелот и кажа дека ако се гледаат настаните на терен овој резултат е неправеден.

-Мислам дека Македонија беше подобар противник. Имаше врвен фудбал 75 минути. Овој резултат е неправеден. Во секој случај честитки за Исланд, покажаа карактер и не се откажаа до крајот. Од друга страна мора да бидам задоволен од моите играчи како го одиграа овој натпревар, не и како го завршија, ама 75 минути одиграа перфектен фудбал. Головите кои ги примивме беа по наша вина.Не паметам кога Македонија играла ваков фудбал. Никогаш не можеш да ги предвидиш индивидуалните грешки, но начинот и пристапот кој го имаа фудбалерите треба да ни биде репер како да се движиме и воедно и играта која ја покажавме денес, со исклучок на последните петнаесет минути. По првиот гол, психолошкиот момент беше тука пресуден. Што подетално се случи, тоа ќе си направиме анализа ние самите. Но, повторно ќе повторам, мислам дека на крајот Македонија незаслужено загуби два бода на ова гостување. Но фудбалот е таков, одиме понатаму,истакна Милевски

Тој додаде:

-Нашата група е составена од подеднакво квалитетни репрезентации и секој секого може да го победи. До крај има уште многу да се игра и ништо не е загубено барем за тоа второ место. Мислам дека психолошкиот момент ќе биде најважен за следниот натпревар против Романија. Ќе направиме се за да ги вратиме играчите, многу е тешко по еден вака, во поголемиот дел од мечот перфектен натпревар. За жал, по наши индивдуални грешки останавме без победа. Но немаме многу време да жалиме Милевски.

Следниот натпревар од квалификациите за Мундијалот за Македонија е на големиот државен празник 8 септември, а противник ќе биде Романија.

Според најавите на селекторот Милевски, Македонија ќе биде засилена на овој натпревар во средниот ред со Бобан Николов кој доби поштеда на првите два меча поради прележан ковид-19.