– Не е лесно да се победи противник како Ерменија, цврст, добро организиран. Задоволен сум како изгледавме во одредени моменти, посебно во првото полувреме кое треба да ни биде пример како треба да се однесуваме во иднина. Што се однесува до второто полувреме, имавме повеќе посед на топката, контрола на играта, но немавме реализација. Ни фалеше завршен „пас“. Која е причината ќе видиме откако ќе направиме добра анализа. Од сето друго сум задоволен. Момците покажаа високо ниво на професионализам, посветеност, дисциплина, изјави Милевски на прес-конференцијата по вечерашниот натпревар.
Тој го имаше своето деби на клупата на А-репрезентацијата, а до првата победа ќе се обиде да стигне веќе на 5 септември на гостувањето кај Исланд.
Во третиот и последен меч од септемвриските квалификации за Светското првенство 2022, македонските фудбалери на 8 септември повторно ќе бидат домаќини, во Скопје ќе дојде селекцијата на Романија.