Разговори меѓу Москва и американски претставници

Рускиот претседател Владимир Путин разговарал со американски претставници за можност Русија да донира 1 милијарда долари на „Одборот за мир“ на претседателот Доналд Трамп, при што услов било одмрзнување на дел од замрзнатите руски средства.

Кремљ во петокот соопшти дека Путин ја отворил оваа тема во разговори со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и со Џаред Кушнер, објави Си-ен-ен.

Ставот на Москва во врска со ова прашање го појасни советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, во изјава дадена за новинарите.

„Во текот на разговорите поврзани со Одборот за мир, беше истакната нашата подготвеност да се пренасочат 1 милијарда долари во буџетот на оваа организација, користејќи средства на Руската Федерација кои беа замрзнати од претходната американска администрација“, изјави Ушаков.

Можна употреба на преостанатите замрзнати резерви

Ушаков посочи дека остатокот од руските финансиски резерви, кои беа замрзнати по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, би можел да биде наменет за друга цел.

Според него, тие средства би можеле да се насочат кон обнова на подрачјата кои беа погодени за време на борбените дејствија.

Тој нагласи дека ваква одлука би можела да се реализира исклучиво по постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина.

„Останатите средства од овие резерви можат да се употребат за реконструкција на териториите кои претрпеа штети за време на борбите, но тоа би било возможно само откако ќе се постигне и формално ќе се склучи мировен договор меѓу Русија и Украина“, наведе Ушаков.