Масовни прекини и повредени лица

Ноќен напад врз енергетската мрежа и индустриските капацитети во Украина остави над еден милион домаќинства без електрична енергија, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на украинските власти.

Министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, соопшти дека нападите погодиле пет региони и дека повредени се пет лица. Се спроведуваат активности за гаснење на пожарите и обнова на снабдувањето со струја.

Одеса меѓу најтешко погодените области

Јужната област Одеса беше меѓу најпогодените, а локалните власти велат дека нападот е најсилниот од почетокот на конфликтот пред речиси четири години.

Русија редовно таргетира енергетска инфраструктура во Украина, а нападите се зголемија со приближувањето на зимата, објави Би-Би-Си.

Нападот пред меѓународните преговори

Инцидентот се случи пред претстојните преговори во Берлин в понеделник, на кои ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, европски лидери и специјалниот пратеник на САД. Целта е да се најде начин за ставање крај на војната.