Координирана акција на повеќе локации за економско-финансиски криминал

Во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа координирана акција на повеќе локации во Скопје, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани. Во рамките на акцијата се уапсени 11 лица, а јавен обвинител нареди истражна постапка против уште 33 лица поради основано сомнение за кривични дела од економско-финансиска природа. Сите осомничени се товарат за кривично дело Злосторничко здружување.

Милионски злоупотреби во јавните набавки

Седум лица се осомничени како помагачи или поттикнувачи за продолжено кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Дванаесет лица се товарат за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а 20 лица за продолжено кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Според наредбата за истрага, во 2023 година тројца службени лица од ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители или сопственици на осомничени правни лица, формирале група со цел вршење на горенаведените кривични дела. Кон групата се приклучиле останатите 26 осомничени.

Групата, со намера да ја изигра постапката за јавна набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“, дел од лицата како службени лица постапиле спротивно на законските прописи и внатрешните акти. Договориле двете осомничени правни лица од Скопје и Куманово да се пријават на огласот, при што правното лице од Скопје го добило договорот и се стекнало со противправна имотна корист од 472.470.407 денари (околу 7,68 милиони евра) на штета на Буџетот на ЕСМ Дистрибуција.

По завршувањето на кривичните дела, осомничените во периодот 2023–2025 година, со цел да прибават противправна корист и да го прикријат потеклото и сопственоста на средствата, пуштиле во оптек вкупно 125.556.930 денари (околу 2,04 милиони евра).

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлози за мерки, кои беа прифатени. На седум лица им е определена мерка притвор, а за шест лица се утврдени мерки за обезбедување присуство.