Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков соопшти дека денеска ги информирал своите колеги во Советот на ЕУ за случаите на зголемен притисок врз претставниците на бугарското малцинство во Македонија. По средбата пред бугарските новинари во Брисел, тој изрази очекување дека ЕУ ќе заземе став.
-Ги информирав колегите министри за инцидентот во Охрид, но и за ескалацијата на тензиите и правата на бугарската заедница таму, посочува тој за 24 часа.бг
Истакна дека настаните започнале со усвојувањето на „законодавната репресија врз бугарската заедница“. Според него, меѓу власта и опозицијата во Скопје има извонреден консензус на антибугарска основа.
Ова е многу сериозен знак, бидејќи владејачката партија и тамошната опозиција речиси никогаш не се согласуваат, коментира Милков. Потоа следуваше палењето на бугарскиот клуб, за што беше изречена условна казна. По три напади на други клубови и пукање во еден од нив, виновниците никогаш не беа пронајдени, додаде министерот, цитиран од БТА.
Побарав солидарност со другите земји и ЕУ во иднина да заземе став, посочи Милков. Во одговор на прашање, тој не ја исклучи можноста Бугарија да наметне вето на следните чекори од преговорите на Скопје со ЕУ, но изрази надеж дека тоа нема да биде потребно.