Тоа што остава впечаток освен политичката во Македонија гледаме дека има и една здравствена несигурност. Во изминатите 2 години ние имаме менување на 3 министри за здравство, познатиот Венко Филипче, а сега и кумашинот на Таравари, докторот Меџити. Ако во 2 години менувате 3 министри тоа значи дека како влада немате концепт за здравството бидејќи концептот меѓу другото се темели и на личноста која што ќе ги води главните проектите во здравството, а овде гледаме дека нема таква личност, вели Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Милошоски вели дека министерството за здравство повеќе личи на Пазар 3 отколку министерството за правда, и со тоа се создава здравствена несигурност кај сите граѓани.
-Министерството за здравство, морам да го разочарам тука професорот Тупанчевски е повеќе на Пазар 3 отколку министерството за правда, веројатно заради ставките во буџетот а и по интересно министерство за владата за политичките партии, па и за некои поединци блиски на претседателите на политичките партии, истакна Милошоски.
-Нема веќе ниту разговори за клинички центар во Скопје, а изгледа е заборавен и се уште недовршениот клинички центар во Штип кој што претходната влада го почна, но гледаме дека сегашната влада не покажува никаков интерес оваа работа да биде завршена. Затоа сметам дека ваквата здравствена несигурност создава дополнителна неспокојство кај сите граѓани, рече тој.
Милошоски потенцираше дека директорот на ФЗО Фатон Ахмети веќе 13 ден е на службено патување во САД, а Ковачевски наместо да бара одговорност од него и од директорката од СДСМ Грашковска, се обидел смртта на лицето со цистична фиброза да го поврзи со актуелниот министер.
-Во ФЗО имаме две клучни работи во изминатите денови, имаме 8 дена паднат систем и имаме 13 дена директор на ФЗО на службено патување во Америка. Тоа се двете најкрупни работи во фондот. Фатон Ахмети повеќе од 13 дена е на службено патување во САД и за него никој не бара одговорност. Премиерот се обиде на еден нефер начин одговорноста за смртта на еден наш сограѓанин да ја поврзи со актуелниот министер за здравство, но не слушнавме ниту еден збор за можна одговорност или непостапување на директорката на ФЗО Грашкоска од СДСМ и вториот директор на ФЗО Ахмети, потенцираше Милошоски.
„Ако од некој требаше да се побара одговорност од премиерот требаше да се бара од двајцата директори на ФЗО бидејќи и двајцата не се на нивото на задачата“, дециден е Милошоски.