-Денешната прес конференција би сакал да ја искористам за да Ве известам за едно обраќање од пратениците до премиерот Ковачевски. Имено, денес испративме барање до премиерот Ковачевски во текот на месец април да се појави пред Комисијата за надворешна политика и да ги достави нацрт-документите за кои што Владата на Македонија ги договара со официјална Софија, за да можеме во еден заеднички и инклузивен процес да ги разгледаме овие прашања кои се важни во македонско-бугарските односи, а исто така се важни и за евроинтеграциите, изјави на денешната прес конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Тој истакна дека ова го барале од премиерот Ковачевски бидејќи самите по кодексот на Владата напоменуваа во членот 1 дека носителите на извршни функции редовно ќе даваат отчет пред Собранието, но и дека исто така го бараат врз основа на членот 68 од Уставот каде што Собранието има уставна надлежност да врши политичка контрола над извршната власт.
– На крајот на краиштата, македонско-бугарските односи и најважните документи во овие билатерални релации, како што е договорот за добрососедство, веќе имаме установена пракса од 2017 година кога тогашниот премиер со високи претставници од МНР побара да имаме седница на Комисијата за надворешна политика и истата да биде затворена и на барање на пратениците, таа се случи каде што се разгледа нацрт-договорот за добрососедство потпишан во 2017 година помеѓу Македонија и Бугарија. Очекуваме позитивен одговор од премиерот Ковачевски, доколку вистински се залага за принципите за инклузивност, на отчетност и на заедничко работење на сите институции, вклучително и на пратениците како народни избраници, за доброто на државата да поразговараме на една седница за најновите нацрт-документи кои што Македонија веќе ги преговара со официјална Софија, појасни Милошоски.