Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денес заедно со градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димче Атанасовски извршија увид на градежни активности на реконструкција на пат во населено место Тодоровци, општина Македонска Каменица, при што беше дадена и изјава за медиуми.
Запрашан за коментар во врска со изјавата на бугарскиот премиер Петков дека ветото не треба да се укине туку да се помести, Милошоски истакна дека ваквите изјави се само рефлексија на неконзистентната и сервилна политика која ја води македонската влада и наместо да понуди решение, нуди блокада на рати.
– Коментарот на бугарскиот премиер е само рефлексија на една неконзистентна и би рекол сервилна политика која што ја гледаме кај македонската влада во изминативе 3-4 години. Колку повеќе сте сервилни, толку повеќе ве притискаат. И овој став на бугарскиот премиер не е решение, туку е само една, би рекол, блокада на рати. Најавена блокада која што нема да се случи еднаш, туку ќе се случува десет пати во следните 10 години и затоа сметам дека Македонија треба да има поцврст став и да изградиме една национална заедничка линија, потенцираше Милошоски.
Тој исто така го повика премиерот Ковачевски наместо да се крие позади министерот за надворешни, да оди во Собранието и да ги презентира документите кои се преговараат со Софија со цел да се изгради посериозен став околу ова прашање.
– Уште еднаш користам прилика, премиерот Ковачевски да не се крие позади министерот за надворешни работи, туку да дојде во Собрание и на затворена седница да ги покаже нацрт документите кои што ги преговараат со Софија за да можеме сите како народни избраници да изградиме заедничка линија и да имаме посериозен став кон Софија. Колку ќе бидеме посериозни толку повеќе ќе не почитуваат. Ако бидеме по сервилни само ќе ги одлагаме овие блокади и понижувања коишто станаа преголем товар, додаде Милошоски.