Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска оствари средби со тројца пратеници, претседатели на политичките партии – ДОМ, Демократската партија на Турците – ТДП и Српската странка во Македонија, на која стана збор за изборниот модел, при што беше утврдено дека партијата има две заеднички гледишта со овие политички субјекти.
Ова денеска го соопшти пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој посочи дека предложениот Закон за една изборна единица сè уште се наоѓа, како што рече, „во фиоката на спикерот Талат Џафери“, и смета дека е добро тој да влезе во процедура и да дојде на комисиска расправа за да може секој да го искаже своето мислење.
– ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група и како коалиција го поддржува изборниот модел една изборна единица којшто би требало во иднина да го усогласиме, согласно компаративното право, со изборниот праг којшто би се применувал и затоа ги цениме овие средби за продуктивни, корисни и се надеваме дека во најскоро време овој Предлог на закон ќе се најде на комисиска расправа и за истиот ќе може да отвориме продуктивна дебата, изјави Милошоски пред новинарите во Собранието.
Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски посочи дека од СДСМ изминатите пет години слушале дека подржува една изборна единица и тоа го сметаат за „апсолвирано“.
– Но, она што би сакале е СДСМ да даде поддршка овој предложен закон од нивните коалициони партнери што побрзо да дојде на комисиска расправа за да може сите да се изјасниме и да го подобриме текстот, посочи тој.
По однос на други политички партии, Милошоски информираше дека ќе имаат средба утре.
– Веќе ни е закажана средба со пратеници од пратеничката група на БЕСА и ќе разговараме на истиве теми, а по однос на изборниот праг немаме утврдено колку би требало да изнесува истиот. Она што го споделуваме со досегашните соговорници е дека колкав и да биде изборниот праг, истиот треба да се однесува според бројот на излезени гласачи, а не на запишани гласачи. Колкав ќе биде, ќе треба да се утврди во една поширока дебата, изјави Милошоски.