Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вели дека власта нема поддршка од граѓаните, ниту во Собранието за уставни измени.

-Бидејќи се претставници на народот, денес пратениците ќе имаат шанса да гласаат според волјата на народот, кој во огромно мнозинство е против наметнатите измени на Уставот, лековерно прифатени од Ковачевски, Бујар Османи и Маричиќ. За оваа превземена обврска од ДУИ и СДСМ за која немаат поддршката од граѓаните, денес ќе се покаже дека немаат поддршката ниту во Собранието.

Во меѓувреме, од истите нив цел ден ќе ги слушате фразите за ЕУ, стратешки партнери, за Русија, за интеграција, за изолација. Ваквиот поларизирачки речник единствено има за цел да не се збори за високата корупција, за понижените пензионери, за злоупотребата на европското знаменце, за жртвите на нефункциониот систем во модуларната болница и во БЕСА-Транс, за немањето учебници за учениците и за недостатокот на лекови во болниците.

Оваа неспособна власт, за жал, ја доведе Македонија во дипломатски и економски ќорсокак. Затоа, денешното гласање против наметнатите измени на Уставот нека биде мотив плус за да се чуе гласот на граѓаните и во Собранието, и на избори, пишува Милошоски.