Опозицијата нема јасна насока

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денеска во емисијата ,,За или против“ на телевизија Алфа, истакна дека опозициската СДСМ се соочува со недостаток на политичка насока. Тој оцени дека тоа резултира со зголемена агресивност во јавниот дискурс и внатрешна несигурност во партијата.

„Во моментов раководството на СДСМ, нема политички компас на делување. И тоа не го говорам само за нивниот однос кон владејачкото мнозинство, туку го говорам и кон нивните сопствени поистакнати членови во рамките на СДСМ. Секој којшто има различно мислење, без разлика дали е претставник на власт, на собраниско мнозинство или на дисиденти од редовите на СДСМ, наидува на жестока критика, омаловажувања, агресивен речник,“ изјави Милошоски.

Агресивен пристап и сомнежи за задни влијанија

Милошоски оцени дека раководството на СДСМ се чуствува несигурно поради можни истраги, предистраги или предмети од надлежните државни органи.

„СДСМ никогаш не била толку агресивна како што е денес, и со вокабуларот и со пристапот кон било кој поинаку размислувачки новинар, политичар, функционер или истакнат член на СДСМ,“ додаде тој.

Тој посочи дека, според неговата проценка, Венко Филипче се појавува како јавен претставник на партијата, но суштинското влијание доаѓа од други актери во позадина.

„Венко Филипче само номинално е претседател на СДСМ, а суштински гледаме дека не ги креира политиките на оваа, до пред извесно време, битна политичка партија во Македонија,“ заклучи Милошоски.

Внатрешна несигурност и критики

Според Милошоски, несигурноста на раководството и агресивниот пристап кон критичките ставови ја рефлектираат внатрешната криза во СДСМ.

Тој нагласи дека секој кој изразува различно мислење, дури и од редовите на партијата, наидува на критики и омаловажувања, што дополнително ја зголемува тензијата во партијата.