Во гостување во Тема на денот на Сител ТВ на прашањето дали е спорно за државата според ВМРО-ДПМНЕ Бугарите да бидат впишани во Уставот, претседателот на комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски кажа дека според него во Република Македонија тоа ќе биде уште едно јаболко на раздорот.

– Во Република Македонија сметам дека тоа ќе биде уште едно јаболко на раздорот. Тоа ќе ја врати Македонија во времето на пропагандите од 19 век каде што секој ќе се натпреварува да добие квоти, ќе отвори нови барања, нови пописи, нови проценти, нови афирмативни квоти за некого или против некого. Сметам дека Македонија ќе стане земја во којашто соседните држави ќе се натпреваруваат кој има поголем капацитет да си направи некаков простор за оние кои му се фаворити во државата Македонија, кажа Милошоски.

Според Милошоски, правата на граѓаните на Република Македонија без разлика на нивната национална припадност и во овој момент и со извештајот на Бадинтеровата комисија од 1991 година се покажало дека се цврсто загарантирани.