-Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која што е резултат на неодговорноста на власта, рече Милошоски.

Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нивните очекувања се дека претседателот на Собранието согласно членовите 67 и 68 ќе ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаат дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши.

Милошоски потсети дека во Романија пред пет дена се случи пожар во болница со загубени пет човечки животи и оти таму падна целата Влада.

-Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелегенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на Филипче, министер за здравство, рече пратеникот.

Затоа, како што потенцира, ВМРО-ДПМНЕ смета дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ, за жал, изгоре со тетовската модуларна болница, со која што изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции кои што треба да се грижат за здравјето на граѓаните.

-Гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт, рече Милошоски.