– Од она што ние го имаме како информација, оставката на Филипче не е доставена до Собранието. Заев очигледно игра улога на одолговлекувач на оставката. Самиот Заев има селективен пристап кога станува збор за неговите соработници. Пред година и половина оставка поднесе тогашниот заменик министер за образование Петар Атанасов и истата беше многу брзо или за ден-два процесуирана во Собранието и констатирана, рече Милошоски.
Милошоски изрази и сомневање зошто Заев се однесува така или не ја доставува оставката до Собранието.
– Цениме дека министерството за здравство како институција која што располага со голем фонд и многу тендери е причината зошто Заев прави обиди да го задржи Венко Филипче на местото од кое што тој самиот поднесе оставка, вели Милошоски.
Милошоски информираше и за соработката што ВМРО-ДПМНЕ ја има за претстојните локални избори со Алијанса за Албанците и Алтернатива.
– Коалициските партнери Алијанса за Албанците и Алтернатива даваат поддршка за независниот кандидат Данела Арсовска која ја поддржа и ВМРО-ДПМНЕ. Таа има сериозна предност пред се зошто има добра биографија како менаџер, образование и може да направи многу повеќе за сите жители без разлика во која скопска општина живеат, рече Милошоски.
Пратеникот истакна примери каде тие ќе поддржат кандидати на Алијанса за Албанците и Алтернатива, а каде ВМРО – ДПМНЕ ќе ја добие поддршката од нив.
– ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да дадеме поддршка уште во прв круг за нивните кандидати или кандидати на Алијанса и Алтернатива во општини во кои тие имаат шанси да добијат, како Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар, Струга и други општини, а Алијанса и Алтернатива да дадат поддршка онаму каде ние како колиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаме шанси. Тоа се општини како Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Јагуновце и други, кажа Милошоски.