На состанокот за Партнерство за отворена власт, Минчев порача дека отворената власт е темел на довербата, а беа најавени и нови реформи
„Отворената власт е темел на довербата помеѓу институциите и граѓаните,“ изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешниот тематски состанок за Партнерство за отворена власт, кој се одржа во Владата на Република Македонија.
Минчев нагласи дека Министерството за јавна администрација, како координатор на процесот, безрезервно работи на вредности што ја обликуваат визијата за отворена влада.
„Во изминатите тринаесет години преку шест национални акциски планови вложувавме во транспарентност, отчетност и зајакнување на гласот на граѓаните. Тоа резултираше со потранспарентна и поодговорна влада, поефикасно управување со јавните ресурси и иновативни дигитални решенија што го подобруваат квалитетот на животот,“ изјави тој.
Во моментов се спроведува шестиот Национален акциски план за ПОВ (2024–2026), кој носи нови трансформативни решенија. Меѓу нив се објавување на вистинските сопственици на компании што склучуваат договори со државата, подобрување на пристапот до информации, транспарентност во концесии и јавно-приватни партнерства, унапредување на јавните консултации, редовно известување за родова еднаквост и приближување на парламентот до граѓаните преку мобилни настани и директна комуникација.
Националниот акциски план е подготвен преку широк консултативен процес со над сто претставници од институциите и граѓанското општество.
„Тоа е доказ дека ко-креацијата и инклузивноста се вистинска практика, а не само декларација,“ истакна Минчев.
Тој најави и нови чекори:
„Следната година ќе започне нов циклус – седмиот Национален акциски план (2026–2028). Тоа е можност да поставиме уште поамбициозни цели и да ја зацврстиме позицијата на Република Македонија како регионален лидер во областа на отворената власт.“
Минчев додаде дека земјата ќе ја презентира својата визија и на претстојниот Глобален самит за ПОВ во Шпанија оваа есен, а во 2026 година ќе биде домаќин на регионалниот состанок на Западен Балкан.
„Партнерството за отворена власт е повеќе од меѓународна иницијатива – тоа е платформа за рамноправност, доверба и соработка меѓу институциите и граѓаните. Успехот на ПОВ е резултат и на активната улога на невладиниот сектор, кој е наш коректив, партнер и двигател на нови идеи,“ заклучи министерот.
Со овој состанок Владата ја потврди определбата да продолжи со реформите за изградба на модерна, европска и отворена Република Македонија.