Во писмена изјава до медиумите на групацијата „Коха“, Владата на Косово вели дека иницијативата, која ја нарекува „Мини-Шенген“, иако иницијаторите на денешната средба во Скопје се откажаа од тој назив, е „без визија за регионот“.

Од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти велат дека не биле поканети на денешниот Регионален форум поради противењето на иницијативата која потекна од средбата на Заев, Рама и Вучиќ во октомври 2019 година во српскиот град Нови Сад.

– Нашите ставови за идејата од Нови Сад, таканаречениот „Мини-Шенген“, веќе се познати. Новосадската иницијатива нема одобрување од наша страна и следствено ние немавме официјална покана за учество на средбата. За нас таканаречениот „Мини-Шенген“ е иницијатива без визија за регионот. Ние предложивме унапредување на регионалната соработка од ЦЕФТА во СЕФТА, според моделот на ЕФТА-ЕЕА, од што истовремено би имале придобивки сите земји на Западен Балкан, се вели во одговорот.

Владата во Приштина ги повикува лидерите на земјите од регионот да се посветат на евроатлантските интеграции.

– Владата на Република Косово ги повикува владите во регионот да останат посветени на агендата на Европската унија и на трансатлантските односи, се вели во изјавата.