Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска до 22 февруари 2022 година ќе престојува во работна посета на Брисел, каде ќе оствари средби со високи претставници на Европската Комисија.
-Разговорите на министерот со своите соговорници ќе бидат фокусирани на ЕУ перспективите на РС Македонија, очекувањата од француското Претседателство за напредок во процесот на отворање на пристапните преговори, кои во моментов се блокирани од Бугарија и нашата посветеност да продолжи дијалогот за решавање на отворените прашања, како и приоритетите на Министерството за финансии, кои се насочени кон засилување на реформскиот процес во областа на управувањето со јавните финансии, реформите што се предвидени во Програмата за економски реформи, за што е започнат процесот на консултации со ЕК, како и фискалната консолидација, велат од Министерството за финансии.
Теми на средбите со високите претставници на министерот Бесими ќе бидат и енергетската криза и инфалцијата, кои се од глобални рамки, и за мерките што земјата ги презема за справување со влијанието од оваа криза.
За време на престојот во Брисел, министерот Бесими ќе се сретне со комесарот за соседство и преговори за проширување Оливер Вархеји, комесарот за економија Паоло Џентилони, комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан и вршителот на должност генерален директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување Мачиеј Поповски.