Министерот за здравство Сашо Клековски во 11:30 часот ќе ја посети Општата болница – Гостивар откако повеќе граѓани со симптоми на повраќање, дијареа и температура побараа лекарска помош. Министерството за здравство соопшти дека предвидено е изјава да даде министерот Клековски.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.

По извршениот надзор било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, без одобрение поставена била пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдувачки систем.

– За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде времена забрана за употреба на водата за пиење сѐ до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со што ќе се потврди нејзината безбедност – беше соопштено од АХВ.

Од управата на гостиварската Општа болница потврдија дека изминатите денови за медицинска помош заради стомачни тегоби се јавиле над илјада граѓани. Случајот со водата за пиење од градскиот водовод стана актуелен откако беше регистриран зголемен број граѓани кои побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.

Полициски инспектори од Секторот за внатрешни работи – Тетово извршиле проверки по пријава во врска со случајот. Портпаролот на СВР – Тетово, Фатмир Реџепи потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

– Поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик, во расчистувањето на овој случај вклучена е и полицијата – изјави Реџепи.

Гостиварскиот градоначалник Валбон Лимани доцна синоќа преку објава на Фејсбук апелираше да се почитува забраната за употреба на водата, додавајќи дека засега нема официјални докази дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од градскиот водовод.

– Во ваква ситуација, моја прва обврска е да ви ја соопштам состојбата точно, навремено и без прикривање на каква било информација. Според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажуваат дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности. По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна. Апелирам оваа мерка целосно да се почитува. Таа е превентивна и е донесена заради заштита на здравјето на граѓаните. Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа – пишува во објавата.

Градоначалникот додава дека сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции.

– Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката. Веднаш штом бидат достапни официјалните резултати, тие ќе бидат јавно објавени, целосно и транспарентно – подвлече Лимани.

Тој ги повика граѓаните да останат смирени, да ја почитуваат привремената забрана и да се информираат од официјални извори.

– Во вакви моменти, одговорноста на институциите е да ги утврдат фактите, а одговорноста на сите нас е да не шириме непроверени информации. Здравјето на граѓаните е најважно и секоја одлука ќе се носи исклучиво во согласност со официјалните стручни наоди – заклучи гостиварскиот градоначалник.

Извор: Курир