Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски очекува минималната откупна цена на пченицата да биде 20 денари. Смета дека добрите цени за откуп на јачменот ќе се рефлектираат и врз производството на лебно жито.
По денешната средба со претставниците на Асоцијација на земјоделци во Долнени, тим на Министерството за земјоделство, предводен од советникот Трајан Димковски, имал средба и со претставници на мелничката индустрија, како и со сите откупувачи.
-Како што имаме рекордна заинтересираност за мерките за земјоделство, како што имаме рекордна цена, еве тоа и земјоделците ќе го кажат, на јачменот од 17 денари јас очекувам минимална цена 20 денари на пченицата нормално да биде. Односно информациите коишто се од самите разговори коишто ги имаме потврдуваат дека 19-20 денари ќе биде токму таа пченица која што нема доволен соодветен квалитет, а дури пченицата со висок квалитет може да надмине и 22 денари. Се зависи од квалитетот и затоа велиме дека навремено презедовме мерки, навремено излеговме со мерки за поддршка на вештачко ѓубриво, знаејќи го растот на сите цени на репроматеријалите, 40 отсто поддршка од државата, 7. 000 апликации имаме од земјоделците коишто на неделна основа, кои добиваат поврат на средства за набавеното вештачко ѓубриво, рече Николовски.
Според него, поради тоа годинава се очекуваат добри откупни цени на житните култури.
-Гледате дека никој не негира дека е добра цената на јачменот. Истото задоволство очекувам да го видам кај земјоделците и во делот на пченицата заради тоа што само така ќе ги мотивираме да продолжат и следната година и следната есенска сеидба да инвестираат, да работат, да ги користат мерките и да ги мотивираме, а крајната цел како држава да ја оствариме, која што ја зацртавме – за три години 30 000 тони поголемо производство на пченица и за пет години целосно увозна независност и од пченицата. Станавме земја која што е целосно увозно независна од јачменот. Ако пред три години имавме огромен или голем дел од јачменот се задоволуваше со увоз, последнава година бројките покажуваат дека имаме извоз од 17 илјади тони и увоз на јачмен којшто е 10 пати помал, односно само 950 тони, истакна Николовски.
На прашањето дали се зголемени површините под сончоглед, Николовски одговори дека новите мерки и субвенции ќе придонесат за зголемување на површините.
-Очекувам над 10 илјади тони производство на сончоглед и континуираност на тие политики во наредните години, односно навистина да го враќаме сончогледот во македонските ниви, да го гледаме насекаде и да го направиме тоа што било и пред 20 и 30 години. Меѓутоа за прва година во која што го врзуваме производството на сончоглед односно субвенциите за сончогледот под површина да бидат врзани со обврската на производителите да го предадат во преработувачките капацитети како и исто така мотивирачката субвенција од 5.760 денари ако направат принос од 2,5 тони кај сончогледот по информациите коишто ги имаме од нашите сектори, по информациите коишто ги имаме од откупувачите, преработувачите, тие се неколку сите потврдуваат дека оваа година очекуваат меѓу 8 и 10 илјади тони и дуплирани површини не само тука, рече министерот.
Моментно, потсети, има активни огласи за земјоделско земјиште, околу 13.000 хектари се ставени на располгање и земјоделците треба да аплицираат.