Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој престојува во работна посета на Украина, денеска придружуван од претставници на украинската Влада го посети градот Ирпињ, на периферијата на Киев, кој беше место на интензивни воени дејствија од почетокот на руската инвазија на земјата.
– Тоа што го видов кај Ирпињ уште еднаш ме убеди колку нашиот став за осуда на оваа воена агресија е оправдан. Пронајдени се телата на бројни цивили, додека над 70 отсто од зградите се целосноно или делумно уништени, вклучително болници и образовни институции, изјави Османи.
Тој додаде дека невидената и неиспровоцирана агресија претставува „тешко кршење на меѓународното право, напад врз суверена земја и сериозен обид да се уништат темелите на меѓународната безбедност и стабилност“.
– Посетата на Украина, е чин на поддршка и солидарност и овие сцени и слики се доказ за неразумна и деструктивна политика, која стои позади неа, порача Османи.