Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на покана од претседателот на МПС, Марјан Кицев, а во присуство на претседателот на Европските полициски синдикати, Рикардо Валадас, државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, заменик – директорката на Агенцијата за разузнавање, Александра Бакреска Додовска и директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, денеска во Охрид ги отвори Синдикалните игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат.
– Синдикалното организирање претставува столб на кој се засноваат и унапредуваат правата на вработените. Секое општество кое што тежи кон развој и просперитет, е должно да го негува и поддржува синдикалниот дух. Токму преку овој начин на дејствување, преку спортското натпреварување другарување, размена на искуства на полициски службеници од повеќе земји учеснички на спортските средби се јакне спортскиот дух и квалитетното синдикално функционирање, рече министерот Спасовски во своето обраќање.
Тој посочи дека ако солидарноста претставува еден од базичните принципи на синдикализмот, тогаш еден од најдобрите начини за нејзино реално демонстрирање и зацврстување е токму ваквиот вид на дружење, подобро запознавање на синдикалците и градењето фер спортски однос.
– Оваа традиција што Македонскиот полициски синдикат ја има воспоставено низ годините наназад е токму таква убава можност во која секогаш се наоѓаат и дополнителни форми за квалитативно збогатување на тоа дружење, вредности и цели кои го спојуваат убавото и корисното, потенцираше Спасовски.
Меѓудругото, министерот Спасовски во оваа прилика искажа посебна благодарност до претседателот на Советот на Европски полициски синдикати, Рикардо Валадас за неговите особени заложби во промовирањето на нашата убава земја, нашето Министерство за внатрешни работи и синдикализмот насекаде во светот. Пред почетокот на Синдикалите игри од страна на присутните со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите бранители на МВР и на починатите во пожарот во Модуларната болница во Тетово, информираат од МВР.