Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во „Вести Плус“ истакна дека ќе се прекине партизацијата во МВР
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на „Вести Плус“ порача дека ќе се прекине партизацијата во МВР, а институциите ќе функционираат врз основа на професионални критериуми и работно искуство.
„Факт е дека и според моменталната систематизација, началник на Одделот за организиран криминал мора да има најмалку десет години искуство. Опозицијата грубо ја манипулира јавноста, ширејќи страв дека ќе се вработуваат партиски кадри. Нема да има партизација. Ќе се вработува само според јасни и стручни услови“, истакна Тошковски.
Тој појасни дека во иднина секоја институција ќе бара искуство поврзано со конкретната функција. „Досега видовме примери каде што продавачка од маркет станувала виш инспектор. Тоа е неприфатливо. Ќе се прекине партизацијата во МВР и ќе се обезбеди стручност“, рече министерот.
Додаде дека нема да бидат избркани 2.500 лица, но за раководни позиции ќе бидат ангажирани 500 лица со искуство и квалификации.
Во делот на опременоста на полицијата, Тошковски рече дека тендерот за редовната тактичка униформа се очекува за околу три недели. „Повеќе нема да се случува полицајци на иста локација да бидат облечени несоодветно. Ќе изгледаат уредно и унифицирано“, изјави тој.
Говорејќи за безбедноста, го коментираше и проектот „Сејф сити“. Според него, камерите треба да функционираат 24 часа. „Целта не е казнување и полнење на буџетот. Целта е што помалку жртви на улиците, особено со смртни последици“, додаде министерот.
За последните пожари, Тошковски потврди дека дел се подметнати од поединци, а дел од организирани групи. „Веќе работиме на решенија за справување со оваа сериозна закана“, изјави тој.
Упатена беше и порака до сите кои поседуваат македонски пасош или државјанство да се обратат до конзулатот во Мала Преспа за обновување на документите. „Ќе го сторат тоа брзо и без проблеми“, рече министерот.
Најави и конкретна примена на концептот „маалски полицаец“. „Преку новиот закон за полиција, очекувам веќе од следната есен да имаме зголемена видливост на полицијата на терен. Истите службеници ќе бидат присутни во истите реони, со цел континуитет и доверба“, додаде Тошковски.