Повеќе грозје од минатата година и утврдени цени за Вранец и Смедеревка
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави дека оваа година во Македонија се очекува род кој ќе донесе околу 25 милиони килограми повеќе грозје од минатата година. Според него, количините се зголемени, а цените веќе се пресметани врз основа на теренски податоци и научни анализи.
„Изминатиот период, при посета на млад земјоделец во село Сопот, кавадаречко, ја соопштив откупната цена на грозјето за реколтата 2025 година“, изјави Трипуновски во емисијата „Отворено за“ на локална кавадаречка телевизија.
Министерството, според него, ги испочитувало сите законски процедури – од јавниот повик, преку изборот на научна институција, до склучување договор со Земјоделскиот институт – Скопје. Институтот реализирал теренски анкети, сондажи и прибрал податоци за да ја утврди производната цена за двете најзастапени сорти: Вранец и Смедеревка.
Пресметани цени: 21,3 денари за Вранец и 18,9 денари за Смедеревка
„Производната цена беше креирана од Земјоделскиот институт – Скопје, со што според пресметките производната цена на Вранецот изнесуваше 17 денари за килограм. Ако се додадат 25% како добивка према лозарите, тоа се околу 4,3 денари, односно вкупниот износ од производна цена и 25% – крајната цена која претставува откупна цена на Вранецот изнесува 21,3 денари. Додека пак за Смедеревка, производната цена изнесуваше околу 15,1 денар и со зголемувањето од 25%, тоа е близу 3,8 денари, откупната цена за Смедеревка изнесува околу 18,9 денари”, појасни министерот Трипуновски.
Тој додаде дека се запазени сите законски елементи и транспарентноста е целосна. „Сите параметри беа вклучени – вложувања, теренски услови, трошоци за работна сила и потребно време“, нагласи Трипуновски.
Процесот е отворен – лозарите можат да се информираат детално
Министерот ги повика сите земјоделци кои сакаат дополнителни информации да се обратат до Земјоделскиот институт – Скопје.
„Сите податоци поврзани со методологијата, пресметките и откупната цена на грозјето се достапни и јавни“, рече Трипуновски.
Со повеќе грозје од минатата година и однапред утврдени цени, институциите очекуваат фер и навремена гроздоберска сезона за лозарите низ целата држава.