Положено цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ и наградени припадници на Армијата и Министерството за одбрана

Во чест на Илинден, министерот за одбрана Мисајловски ја истакна важноста на посветеноста и храброста на припадниците на Армијата и Министерството за одбрана. Тој нагласи дека нивниот придонес во кризни ситуации е непроценлив и ги информираше јавноста за доделените парични награди и стимулативни мерки. Во продолжение следува неговата изјава:

Честит 2-ри август – Илинден! 🇲🇰

По повод најголемиот македонски празник, положивме цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, место кое ги чува спомените на оние кои со неуморна борба и страст ја изградиле основата на современата Македонија.
Илинден е денот кога не само што го славиме историскиот успех на нашите предци, туку и се потсетуваме на нивната храброст, визија и борба за слободата на Македонија.
По повод денешниот празник „2-ри Август Илинден“, потпишав решенија за парични награди и стимулативни мерки за припадниците во Армијата и вработените во Министерството за одбрана кои дадоа свој посебен придонес во изминатиов период, особено на припадниците на Армијата кои секогаш одговорно и професионално беа и сe во поддршката на граѓаните и институциите, со цел заштита на здравјето, животот и добрата на луѓето и безбедноста на државата при секоја природна катастрофа, кризна и вонредна состојба.
Нивната пожртвуваност и храброст заслужуваат длабока почит и признание и се искрено вреднувани од сите нас.
Им изразувам искрена благодарност!
За многу години празникот!
Да ни е вечна и вековита Македонија! 🇲🇰”, сподели министерот за одбрана Мисајловски на својот Фејсбук профил.