Заедно со министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, државите од Шенген зоната, партнерите од Западен Балкан, претставници на институциите и агенциите на ЕУ и САД.На конференцијата, одржана под покровителство на словенечкото претседателство со ЕУ, е оценето дека сексуалната злоупотреба на деца, и онлајн и офлајн, е една од најсериозните злосторства, што има широки и сериозни доживотни последици за жртвите и може да предизвика значителна и долгорочна социјална штета на децата.
Министерот Спасовски во своето обраќање преку видео-конференциска врска потенцираше дека сме сведоци на широката распространетост и лесниот пристап до интернет, како и масовното користење на социјалните медиуми, платформи и апликации за онлајн комуникација од страна на младата популација уште од рана возраст, што енормно го зголемува ризикот од сексуалната злоупотреба на децата и ширењето на пазарот со детска порнографија.
– Во тој контекст, основата на сите наши политики за справување со овој вид на криминал е подигнување на свеста за ризиците од сексуална злоупотреба на деца, за потенцијалните стапици на новите технологии, интернетот и социјалните медиуми што ги користат сторителите, како и континуираната едукација на децата како да ги заштитат своите податоци. Во нашата држава, на национално ниво, превентивните активности се синхронизирани и се дел од Националната стратегија за превенција и заштита на децата од насилство, но и од Националната стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во чии рамки е изготвен и посебен акциски план посветен на заштита на децата. Во рамки на овие стратешки документи предвидовме обуки на учениците од основно и средно образование за трговијата со деца и нејзините појавни облици, со посебен акцент на ризикот од злоупоребата на Интернетот за цели на трговија со луѓе и различни видови на експлоатација: трудова, сексуална, детска порнографија, нагласи министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека и покрај низата превентивни активности кои се преземаат на национално ниво, сепак, со оглед на меѓународната димензија на ова кривично дело, неопходно е и развивање на заеднички пристапи кои можат да се остварат преку засилена меѓународна соработка, како и размена на искуства и добри практики меѓу експертите.
Во заедничката изјава на учесниците на конференцијата, министрите ја нагласија важноста на меѓународната соработка за да се осигура дека криминалците не можат да ги злоупотребуваат разликите во законите и политиките меѓу јурисдикциите, како и да се избегне создавање не само на јурисдикциски јаз, туку и на директна дупка во правдата.