СТРАЗБУР – Министерскиот комитет на Советот на Европа, кој ги претставува 46-те земји членки, на вонреден состанок во понеделник, со повеќе од две третини од гласовите, донесе одлука да го разгледа барањето за членство на Република Косово.
„Со 33 гласа „за“, седум против и пет воздржани, Комитетот на министри на СЕ ја прифати апликацијата за членство на Косово и го иницираше пристапниот процес барајќи од ПССЕ да подготви мислење за членството“, објави на Твитер косовскиот амбасадор во Брисел Агон Бајрами.
Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала, рече дека со оваа одлука е завршена важна фаза кон полноправно членство. „За нашата нова држава, денешната одлука е историски чекор, можеби најважниот по нашата независност“, напиша Гервала на Фејсбук.
Пред речиси една година, на 12 мај 2022 година, Косово ја поднесе својата апликација за членство до Советот на Европа.
Со апликацијата на Косово во Советот на Европа прво треба да постапи Комитетот на министри, а по проценката на ситуацијата во Косово последниот збор го има Парламентарното собрание кое го сочинуваат претставниците на земјите-членки.
„Тоа е посебен момент, тоа е голема работа на претходните делегации и на оваа делегација. Има уште работа. Но, без никакво сомневање, ова е најголемиот чекор на Косово кон членство во оваа институција“, напиша Бесник Тахири, опозициски пратеник од ААК и дел од косовската парламентарна делегација на седницата во понеделникот.
И премиерот Албин Курти го коментираше ова гласање велејќи дека Косово „ќе биде додадена вредност за Советот на Европа“. „Советот на Европа ќе додаде вредност на демократијата, човековите права и владеењето на правото во нашата земја“, напиша Курти на Фејсбук.
Во меѓувреме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави во Белград дека неговата земја ќе гласа против членството на Косово во Советот на Европа.
„Ќе гласаме против нејзиното членство во СЕ. Не лажете и изневерувајте. Тоа е сè што имам да им кажам на оние во Европа и ширум светот кои мислат дека имаат право да не лажат и измамат и да ги толкуваат работите како што им одговара, сега како што е напишано или договорено“, заклучи Вучиќ.