МЗ издаде препораки за топлотниот бран што според прогнозите ќе донесе температури и до 41 степен
Од ресорното министерство информираат дека главната цел на препораки за топлотниот бран е заштита на здравјето на граѓаните. Посочуваат дека температурите ќе бидат значително зголемени, особено во делови од земјата каде дневните вредности може да достигнат до 41 степен Целзиусов.
МЗ препорачува престојување во затворени и разладени простории, особено од 11 до 17 часот. Се советува зголемен внес на течности, избегнување алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и употреба на заштита за глава и очи.
Воедно, се препорачува избегнување на физичка активност во најтоплите часови од денот. Се апелира на зголемено внимание кон деца, повозрасни лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Министерството советува да се одложат активности на отворено во најжешкиот дел од денот. Дополнително, се препорачува обезбедување на микроклиматски услови со температура до 25 степени во домовите и на работните места.
Граѓаните кои ќе почувствуваат симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс треба веднаш да побараат медицинска помош.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека состојбата ќе се следи континуирано и ќе се постапува според проценките и потребите на населението.