Министерството го презема лиценцирањето на стоматолозите

Министерството го презема лиценцирањето на стоматолозите од Стоматолошката комора, објави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Мерката стапува на сила веднаш и ќе трае сè додека не се воспостави систем преку кој Комората ќе работи законито, транспарентно и професионално.

– Овој чекор не е казна. Ова е почеток на реформата, реформа што ќе врати довербата, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и вештини усогласени со најновите светски стандарди, изјави Алиу на денешната прес конференција.

Сериозни пропусти во работата на Комората

Алиу објасни дека надзорот на документите на Стоматолошката комора открил сериозни неправилности. Станува збор за едукации спроведувани преку нерегистрирани здруженија и за сертификати кои биле користени неправилно за продолжување на лиценците.

– Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти како договори склучени ретроактивно спротивно на закон, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација – рече министерот.

Дополнително, Комората игнорирала привремена мерка и конечна одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот.

 Министерот информираше дека постојат сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби во Стоматолошката комора. Финансиската полиција веќе спроведува истрага и прибавила обемна документација.

– Веруваме дека за брзо време ќе има епилог, додаде Алиу.

Тој истакна дека ова е директен удар врз една од петте столбови на неговата визија за здравството и порача дека Комората мора да воспостави кредибилен, законски и транспарентен систем за лиценцирање.