Објавен тендер за уривање дивоградби во заштитени подрачја
Министерството за транспорт и врски денеска распиша тендер за избор на фирма што ќе биде задолжена за уривање дивоградби од А категорија во заштитени подрачја. Од таму велат дека оваа мерка се презема превентивно. Целта е да се биде подготвен во случај на потреба, особено поради состојбата во Охрид.
„Целта е да имаме спремен тендер за постапување кога ќе се појави потреба, особено поради постоењето на дивоградби во заштитени делови од Охрид“, изјавија од Министерството за Сакам да кажам.
Инспекциски надзори и префрлање на надлежности
Постапките за уривање ќе ги води Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, институција што е во рамки на Министерството. Најмногу ќе се таргетираат дивоградбите долж охридското крајбрежје, кои Општина Охрид не ги отстранува со години.
Во јануари годинава, по серија новинарски текстови, Државниот инспекторат спроведе надзор и утврди дека локалните инспектори не постапувале по дивоградбите во Студенчишко Блато. Забелешките се доставени до Министерството и до градоначалникот Кирил Пецаков. Општината, пак, тврди дека чека одлука од државниот инспекторат дали ќе ѝ се одземат ингеренциите.
Притисок од меѓународната заедница и закани од УНЕСКО
Покрај внатрешните проблеми, денеска 40 организации од Европа и регионот упатија барање до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО Охридскиот Регион да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Одлуката ќе се разгледува на 47. сесија на Комитетот што се одржува во Париз.
Нацрт-одлуката веќе предвидува впишување на регионот во оваа листа. Во неа се бара итно подобрување на заштитата на Студенчишко Блато, стопирање на сите градежни активности во неговата околина и ревизија на предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата, согласно стандардите на ИУЦН и наодите од мисијата од 2024 година.