При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се провертуваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра.

Ова се дел од препораките кои денеска Министерството за здравство и Комисијата за заштита на населението од заразни болести ги упатија поради, како што наведуваат, во нашата држава се забележува зголемување на трансмисија на коронавирус, но и дека ова е општ тренд што не може да се очекува да не одбегне.

Од Министерството за здравство и Комисијата за заштита на населението од заразни болести посочуваат дека активно ја следи состојбата со КОВИД-19 во земјата, но и активно ги следи состојбите и на европско и светско ниво.

–Затоа, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква Министерството за здравство препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува, но не исклучиво, на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести, и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина, истакнуваат од министерството.

Препорачуваат доколку граѓаните почувствуваат некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) веднаш да побараат помош од матичен лекар и задолжително да носат маска.

– Во Здравствените домови ширум државата веќе е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во ЗД Скопје тестирање се врши во пет пункта. Исто така, се уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид. Така што, за целосно заштитени се сметаат тиeкои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање, порачуваат од МЗ.

Потсетуваат дека на сила е се уште обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица.