Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и другите земји денеска во Брисел ќе разговараат за важноста од зајакнувањето на партнерствата, но и за испораката на оружје за Украина, која бара значително зголемување.

– Битката за Северодонецк, град со едвај повеќе од 100.000 жители пред војната, моментално е сцена на најголемиот конфликт во Украина, а на Киев му требаат 1.000 хаубици, 500 тенкови и 1.000 беспилотни летала, меѓу другото тешко оружје, изјави советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак.

Денешниот состанок на маргините на Северноатлантскиот совет во формат на министри за одбрана по третпат ќе го води американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кога група од речиси 50 земји ќе се состанат за да разговараат и да ја координираат помошта за Украина.

Претходен таков состанок беше одржан во април во воздухопловната база Рамштајн во Германија.

Американските власти, исто така, очекуваат најави за дополнително оружје за украинските сили во наредните денови, а САД одвоија околу 4,6 милијарди долари помош за Украина од руската инвазија на 24 февруари, вклучувајќи артилериски системи како хаубици и ракетен систем со голема подвижност (ХИМАРС).

Администрацијата на Џо Бајден претходно соопшти дека добила гаранции од Киев дека тоа оружје со поголем дострел нема да се користи за напад на руска територија, стравувајќи дека тоа може да доведе до ескалација на конфликтот.