Седум години слушаме најави за развојни буџети, на почетокот на мандатот се ветуваа стапки на раст повисоки од 5 %, за да просечната стапка на раст на БДП се сведе на повеќе од скромни 1,62 %, во услови на речиси дуплиран јавен долг и потрошени повеќе од 20 милијарди евра, нашиот развој се сведе на тоа да Република Албанија ја надмине Македонија по стапката на БДП по глава на жител, а ние да немаме изградено речиси ниту еден капитален проект, а животниот стандард и нивото на реалните плати да паѓаат, вели за „Локално“, екс-министерот за финансии, Кирил Миноски, коментирајќи го предлог-буџетот за 2024 година кој Владата го усвои и треба да го испрати на разгледување во Собранието, каде пратениците треба да го гласаат.
Како што истакнува Миноски, само во последните 4 години буџетскиот дефицит изнесувал 2,7 милијарди евра. Смета дека поучени од ова искуство и имајќи во предвид дека влегуваме во изборна година, тешко дека ќе имаме некаков посериозен развој.
-Во континуитет се носат популистички мерки со кои што се делува инфлаторно, преку зголемување на платите во јавниот сектор и преку носење на закони со кои што се зголемуваа пензиите на одредени целни групи. На тој начин се продлабочува дефицитот во буџетот, а очигледно според информациите на релевантните меѓународните финансиски институции способноста на даночните власти за прибирање на даноците е намалена, додека сивата економија се зголемува и се проценува на 38% од БДП, посочува соговорникот.
Според него, сето тоа резултира со зголемување на цените , а цехот на крајот го плаќаат граѓаните. Токму неусогласеноста на фискалната политика, додава Миноски, со монетарната во насока на намалување на инфлацијата е критикувано и од меѓународните финансиски институции.
-Во изминатиот период имавме редовна пракса да проекциите за инфлацијата бидат пониски од она што подоцна беше годишна стапка на инфлација. Така на пример оваа година стапката инфлација изнесува 8,9 %, а претходната година изнесуваше 14,2%. Стапката на инфлација е највисока во регионот и значително повисока од онаа во еврозоната. Дали повторно ќе имаме погрешни проекции останува да видиме, оценува поранешниот министер за финансии од редовите на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Околу различните проценки на министерот за финансии, ММФ и Светска банка за стапката на раст, Миноски тврди дека за да се даде прецизен одговор на разликите во проекциите на растот на БДП треба да се имаат во предвид методологиите според кои што се изработени проекциите.
-Како и да е дури и во најоптимистичката проекција растот нема да биде поголем од 3,4 %, што во услови на проектираната стапка на инфлација, како и висината на буџетскиот дефицит дефакто значи дека не можеме да говориме за раст туку за стагнација. Дополнително треба да имаме во предвид дека како и во случајот на останатите економски параметри, за жал најчесто имавме потфрлање во растот, и најниските проекции стануваа реалност, заклучува соговорникот.
Предлог-буџетот за 2024 година пред два дена помина на владина седница. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година.
Државата ќе се задолжи и над 1 милијарда евра. Со парите ќе се враќаат стари долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит.
Кога станува збор за платите во јавниот сектор министерот за финансии, Фатмир Бесими појасни дека повеќе средства ќе има за зголемените примања во образование, здравство, за пензионерите, а ќе продолжат и субвенциите за струја. Бесими тврди дека во 2024 година не предвидел средства за повисоките функционерски плати. За претседателските и парламентарни избори кои ќе се одржат наредната година се предвидени една милијарда денари.
Во буџетот за 2024 година не е предвидено зголемување на платите на функционерите, истакна Бесими, а во изборниот процес ќе нема ниту нови вработувања во јавниот сектор.