Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени

Утрово најниска температура е измерена на Попова Шапка, каде што термометрите покажале -16 степени Целзиусови. Многу студено било и во Маврови Анови со -14 степени, во Крушево -13, додека -12 степени се измерени во Пожаране. Во Крива Паланка утринската температура изнесувала -11, а -10 степени се регистрирани во Ѓуриште и Берово. Температури од -9 степени се измерени во Тополчани, Битола, Прилеп и Охрид, додека во Виница, Претор, Тетово и Струмица било -8 степени. Во Скопје-Петровец се измерени -7, во Штип и Демир Капија -6, а -5 степени се регистрирани на Зајчев Рид, во Куманово, Кавадарци и Велес. Највисока утринска температура од -1 степен е измерена во Гевгелија.

Снежна покривка на планинските места

Снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка. Во Крушево се измерени 15 сантиметри снег, во Ѓуриште 5, додека во Тетово и Берово снежната покривка достигнува 2 сантиметри.

Временска прогноза за денеска

Времето денеска ќе биде променливо облачно, со слаб до умерен ветер, а долж Повардарието и во источните делови повремено ќе дува засилен северен ветер. Максималните дневни температури ќе се движат од -4 до 3 степени. Во Скопје времето ќе биде претежно сончево, со слаб до умерен северен ветер, кој претпладне во делови од котлината повремено ќе засилува. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 1 степен.