Мирен собир во Кочани. Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани се собраа во Паркот на Револуцијата за да оддадат почит на загинатите и да изразат поддршка за повредените.
Мирен собир во чест на жртвите
Денешниот собир започна во 15 часот и траеше еден час, без официјални говори. Присутните истакнаа дека иницијативата била организирана преку социјалните мрежи, како спонтан израз на солидарност и тага.
Со испишани пораки на транспаренти, граѓаните побараа правда и целосно расчистување на случајот од страна на правосудните институции.
– Сите загинати и повредени ги чувствуваме како наши деца. Со болка тагуваме и им даваме поддршка на нивните семејства. Очекуваме да се откријат сите причини за несреќата и виновниците да одговараат. Се молиме повредените што побрзо да закрепнат и да се вратат дома – изјави еден од учесниците, Марин Стојанов.
Поддршка за обезбедувањето на дискотеката
Граѓаните на собирот јасно изразија поддршка и за лицата од обезбедувањето во дискотеката, кои помогнале во спасувањето на младите, но во моментов се наоѓаат во притвор како осомничени.
Мирен марш низ градот
По завршувањето на собирот, присутните организираа мирен марш низ централните улици на Кочани. Граѓаните најавија дека ќе продолжат со вакви собири и во наредните денови, сè додека не се добијат одговори за трагичниот настан.
Извор: Курир