Блокадата од Бугарија не е заради економската, еколошката, здравствената или земјоделската политика на Македонија, туку заради нивните барања да не се признава постоење на македонскиот национален и јазичен идентитет и континуитет пред 1944 година.
Блокадата е заради јасно дефинирање на барање на Бугарија во нивната државна надворешна политика, утврдена во нивното Собрание.
По логиката на Заев, Бугарија смее и треба да има своја државна резолуција за Македонија, а Македонија не смее и не треба да има државна резолуција за нашата Македонија.
Собранието е највисок државен орган кој единствено го има правото да ги утврди насоките во надворешната политика.
Бегањето од јавноста во утврдување на националните и државни позиции и бегањето од Собранието, јасно зборува за спремноста на Зоран Заев да нуди, да тргува и да отстапува токму за она што го бара Бугарија.
Секојдневни станаа изјавите, барањата и позициите на Бугарија кои навлегуваат во континуитетот, засебноста и сувереноста на македонскиот етнички и јазичен идентитет.
Резолуцијата која ја нудиме е одговор на блокадата, одговор на негирањата и одговор на лошите политики кон Македонија.
Собранието на Република Македонија има обврска да ја гарантира европската перспектива на државата заедно и еднакво со заштита на нашите човекови права за самоопределување и правото на сопствен идентитет.
Резолуцијата која ја нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, таа е документ за кој веќе постои највисок научен и општествен консензус.
Формулациите и дефинициите се плод умот и мудроста, совеста и искуството содржани во МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА.
Државата и нејзините интереси и карактеристики не е приватна тезга на никого, па ниту на Зоран Заев.
Веќе четири години и покрај сите капитулации и отстапки, јалови се обидите на Зоран Заев да и обезбеди на Македонија европска иднина.
Нашиот предлог е да се повикаме на највисоките научни авторитети, најдобрите професори, совеста и мудроста.
Штом МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА се нашле повикани да обзнанат свој став за македонскиот јазик и идентитет, тоа го направиле зошто сигурно чувствувале дека е загрозен идентитетот.
И ние и граѓаните и јавноста веруваме во потребата да се донесе национална позиција, токму каква што виделе овие три највисоки научни и општествени фактори.
Секоја сериозна држава поставува граница на сопствената надворешна политика и сопствените црвени линии. Бугарија тоа го има, но Македонија го нема. Зборот и ветувањата на Заев, простете, но не вредат ниту тронка.
Нашиот предлог е политичките партии и Собранието на Република Македонија да постигне консензус врз основа на научен текст и дефиниции.
Нашиот предлог нема политички формулации, нема партиски позиции, нема лични агенди. Но, има гаранции за македонската засебност, за македонската историја, за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Ако тие не се доведени во прашање, како што вели Заев, зошто бега од нивно утврдување на највисоко државно ниво. Што е проблемот што го мачи Заев за да не застане пред Собранието и да ги потврди уште еднаш, посебно имајќи ги во предвид секојдневните и тенденциозни напади од страна на Бугарија, но и секојдневните и можеби неслучајни изјави од други европски политичари.
Ако СДСМ не се согласува со текстот кој е напишан од МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА слободно нека каже во кој дел, што е спорно или што е неточно во текстот на овие три јавни институции.
Но ако има согласност за тоа што е црвена линија, она што е наш идентитет и јазик, тогаш нема ниту една причина оваа резолуција да не е прифатена.
Ако имавме во минатото државен консензус за националните прашања позицијата на секоја Влада до сега ќе беше многу посилна. Немаше народот да има оправдано чувство дека премногу се дава, а за возврат Македонија ништо не добива.
Овде не се работи за ВМРО-ДПМНЕ, туку за потребата да се заштити идентитетот, јазикот, и нашетo достоинство. И не е важно ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту ДУИ, ниту било која друга политичка партија.
Противењето на ова значи оставање простор за пазар, и секогаш кога настапувала пазарџиската дипломатија, за жал Македонија губела.
Затоа оваа резолуција е работа околу која треба да се обедини Македонија, да го прифати гласот на македонската наука, да се дефинираат и да се заштитат границите на црвените линии на нашето постоење како Македонци.
Оваа резолуција е прифатена од јавноста, потребна е и политичката поддршка.
Нашиот повик е да покажеме дека можеме поинаку, можеме совесно, можеме достоинствено и се разбира можеме и обединето.