Сите мерења покажуваат дека мнозинството од народот сака промени и дека државата со оваа власт движи во погрешна насока истакна вечерва во своето гостување потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
– На последните анкети околу 70% од граѓаните сметаат дека државата оди во погрешна насока, а тоа што е најпоразително многу млади и граѓани сакаат да ја напуштат Македонија. Најголеми проблеми гледаат во економијата, во тоа што се случува во политиката и општеството. Затоа потребно е што побрзо да има предвремени парламентарни избори да се смени оваа мафијашка власт за да може да има развој на оваа држава, рече Мисајловски.
Во врска со изјавата на Пендаровски дека не било време за избори бидејќи немало да се смени ништо, Мисајловски истакна дека и не се очекува дека Пендаровски ќе каже дека неговите треба да си заминат и потенцираше дека избори ќе донесат власт која ќе работи за добро на граѓаните.
– Тие велат секаде има криза и тоа е тоа. Треба да се менаџира таа криза и сите ефекти да бидат помали. Пендаровски сам кажа дека знаеле дека ќе има конфликт, но ништо не презеле. Неспособност на владата и тоа што го прави, затоа е огорчен народот. А дали ќе се смени нешто, да многу ќе се смени, ќе дојде влада што сака да работи. Овие ги интересира само како да се наполнат со пари, како да имаат тендери и да имаат моќ и власт, додаде Мисајловски.