Ден на македонската револуционерна борба
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, упати честитка до македонските граѓани по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Тој истакна дека денешниот празник е потсетник на возвишените идеали на слобода, самобитност, патриотизам и љубов кон татковината.
„Искрата разгорена токму на овој ден во 1893 година ја претвори македонската мисла во движење и ги постави темелите на нашата држава,“ се наведува во честитката.
Патриотизмот како трајна вредност
Мисајловски подвлече дека патриотизмот не е само збор, туку симбол на достоинство, храброст и единство, кој се манифестира во секојдневниот живот, во службата, во почитта кон другите и во грижата за татковината.
„23 Октомври е потсетник дека љубовта кон Македонија е трајна вредност што треба да ја чуваме, негуваме и пренесуваме на идните генерации. Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба! Да ни е вечна Македонија!“ стои во честитката.