Немаме ништо против Албанците, ние имаме против ДУИ бидејќи е скандалозна партија, со најмногу афери и со луѓе кои лицитираат со криминал секојдневно, рече Владо Мисајловски во Телвизија 24.
„Добро е што можеме да слушнеме веќе дека се лицитира со датум за избори. Со месеци веќе не се прифаќаше лидерска средба, па сега наводно ќе имало во декември месец лидерска средба во Собрание каде што ќе се прецизираат сите рокови“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во „24 анализа“.
„Зошто велиме дека нема потреба од техничка влада? Ние немаме ништо против Албанците, ние имаме против ДУИ. ДУИ е скандалозна партија со најмногу афери и со луѓе што лицитираат со криминал и со бројки секој ден. И затоа велиме дека не треба да биде од ДУИ“, нагласи Мисајловски.
Тој посочи дека Пржинската влада нема доволен ефект.
„Ако од власта ценат дека треба да има техничка влада, ние ќе ја имаме таа влада, но ние цениме дека нема потреба од тоа“, рече Мисајловски.
Мисајловски додаде дека СДСМ нема храброст да каже на ДУИ дека не сакаат техничка влада.
„Еве нека се охрабрат од СДСМ и нека кажат дека не сакаат техничка влада. И тука е проблемот СДСМ – ДУИ. А, сигурен сум дека СДСМ со две раце би прифатила да нема таква влада“, потенцира тој.
Во текот на емисијата потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски истакна дека во втората половина на јануари ќе се започне околу подготовките за конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.
„Ние планираме во втората половина на јануари да го започнеме сето тоа полека и да најавиме каде ќе се одржи таа конвенција. Бидејќи треба да има над 500-тини делегати. После празниците тоа би се случило“, рече тој.