Пратеници, министри и семејства присуствуваа на настанот кој оддава почит кон македонските бранители
Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска се одржува 25. Меморијален турнир во мал фудбал, настан кој ја оддава почит кон македонските бранители загинати во 2001 и 2015 година. Турнирот е организиран од Здружението „Херои на Македонија 2001-2015“ заедно со Министерството за одбрана и го привлекува вниманието на бројни функционери, членови на семејствата на загинатите, како и претставници на безбедносните институции.
На настанот присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, претседателот на Здружението Владо Стојановски и претседатели на репрезентативни синдикати на одбраната и на полицијата.

Жртвата на бранителите и споменот за нив
Во своето обраќање, министерот Мисајловски го истакна значењето на жртвата на бранителите и потенцираше дека споменот за нив нема да се заборави:
„Меморијалниот турнир што го отвораме денеска е посветен на луѓе кои во клучни моменти за државата не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно. Бранителите од 2001 година и загинатите припадници на безбедносните сили во 2015 година ја извршуваа својата задача професионално, дисциплинирано и со целосна свест за ризикот што го преземаат. Тие не бараа признание, тие ја прифатија одговорноста“, нагласи министерот Мисајловски.
Претседателот на здружението Владо Стојановски потенцираше:
„Тие застанаа во одбрана на својата татковина, бранејќи го суверенитетот и интегритетот на Македонија, несебично ги дадоа своите животи, згаснаа млади сили, но секогаш ќе останат запаметени и вечно ќе живеат во колективната свест на македонците.“
Порака од министерот Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи:
„Нивната жртва не е само дел од историјата, таа е вградена длабоко во темелите на македонската државност. Тоа е жртва која не обврзува, жртва која не учи дека слободата, безбедноста и мирот, не се дадени туку се вредности кои се бранат со храброст, со чест и со највисока лична цена. Нивното дело живее и ќе живее како завет и пример во професионалното и етичко постапување на секој припадник на безбедносните институции.“
На Меморијалниот турнир учествуваат 16 екипи од Армијата, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Со својот спортски ангажман, тие испраќаат порака дека македонските бранители кои ги положија своите животи во одбрана на татковината никогаш нема да бидат заборавени.
