Министерот за одбрана Владо Мисајловски по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка и порача дека зачувувањето на слободата и безбедноста е должност на денешните генерации.

„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание! Денешниот празник е нашиот потсетник за долго посакуваната слобода и независна држава“, напиша Мисајловски.

Тој потсети на отпорот на македонските граѓани и на борбата на предците за правда, слобода и независна држава.

„На денешен ден македонските граѓани го кренаа својот глас на отпорот. Храброста, одлучноста, непоколебливоста и силната верба го отворија патот за македонската државност“, посочи министерот.

Мисајловски нагласи дека денешните генерации имаат обврска да ги зачуваат слободата и безбедноста и да придонесат за развојот на државата.

„Нашите предци се бореа за правда, слобода и независна држава, а нам ни е должност да ја зачуваме слободата, безбедноста и да дадеме свој придонес, Македонија да ја изградиме сигурна, посилна и попросперитетна.“

Тој порача дека почитта кон минатото треба да биде придружена со одговорност за иднината.

„Љубовта кон татковината не се докажува само со почит кон нејзиното минато, туку и со одговорност за нејзината иднина. Нека е вечен споменот на борците за слобода. Нека е вечна Македонија“, напиша Мисајловски.