„Имав можност два пати да бидам носител во Изборната единица 2 и имавме прекрасни резултати затоа што имав еден прекрасен тим на жени, каде што, како пчелки, немаше куќа којашто не ја поминавме, немаше село каде што не застанавме, немаше маало што не го посетивме и тоа е една убава приказна, бидејќи многу е поинаку кога жена ќе пријде кон граѓаните, многу е поубаво да се слушне гласот на мајката, на сестрата, на пријателката“, рече Владо Мисајловски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и министер за одбрана, во своето обраќање на вториот панел насловен „Улогата на политичките партии во демократското учество“, кој беше во рамките на политичка платформа „Повеќе учество, повеќе демократија“, која вечерва се одржа во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата.

Мисајловски сподели дека во министерството коешто тој го предводи, дури над 50% од раководниот кадар се жени, притоа истакнувајќи дека резултатите се заеднички, но дека жените се битна алка во синџирот на функционирање на самата институција.

„Мене ми е чест како министер, институцијата којашто ја предводам, а е една од најголемите во Македонија, и над 50% од раководниот кадар се жени во Министерството за одбрана. Велат треба со дела, па еве да покажеме со дела и јас сум навистина горд, најголемите резултати излегуваат се разбира од сите, но жените се таа алка на синџирот“, рече Мисајловски.

Мисајловски потсети и на значењето на ВМРО-ДПМНЕ, како партија, кое е од исклучителна важност од аспект на подобрување на демократските процеси во Македонија, како и правото на секоја жена да даде своја идеја, која, како што вели тој, ќе биде еднаква, ќе се третира и имплементира еднакво зошто можеби најдобри проекти произлегуваат токму од жени. Истовремено, потенцирајќи ги и заложбите на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ кои придонеле во креирањето на политики и мерки кои придонесуваат кон подобра Македонија.

„Но да не заборавиме од каде произлегуваме и колку е важна партијата за сите демократски процеси, а тоа е како да дадеме своја идеја, како секоја жена да има право да даде своја идеја но таа да биде еднаква, да се третира еднакво и потоа да се имплементира еднакво и не би рекол само дека треба да има жени во политиката туку нивниот глас да биде еднаков со сите, бидејќи најубавите проекти можеби произлегуваат од жени“, потсети Мисајловски и додаде:

„Драго ми е што со борбата на Унијата на жени и она што го прават ние имаме подобра Македонија, ние имаме поубави мерки, имаме поубава демократија“.