Претседателот на Совет на Европа, Шарл Мишел, пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан изјави дека ова е историски ден не само за Тирана, туку и за односот на ЕУ со Западен Балкан.
Високиот функционер рече дека иднината на Европската унија е со Западен Балкан и денеска на самитот ќе бидат потпишани конкретни договори за побезбедна иднина.
Ова ќе биде важен, симболичен состанок. Ова е првпат да се одржува овде, во земја која не е членка. Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со нашите напори. Денеска ќе го потпишеме договорот за роаминг трошоци. Олеснување за бизнисите, граѓаните, туризмот. Следното прашање ќе биде енергетската криза. Возбудливо е да се биде овде. Иднината на Европа, тоа е иднината на нашите деца, ќе биде побезбедна со Западен Балкан. Приближувањето до регионот е важно за нас – изјави Мишел.
Има седум суштински прашања за кои ќе се разговара на самитот, каде, како и на минатите самити на ЕУ, главна тема останува конфликтот во Украина. Лидерите на ЕУ во Тирана ќе разговараат и за негативните последици од енергетската криза во Западен Балкан, кибер нападите, вклучително и загриженоста за зголемување на илегалната имиграција во земјите на ЕУ.
Ќе се разговара за последиците од руската агресија во Украина,политичко интензивирање и политики за проширување, зголемување на изградбата на безбедноста од странски влијанија, имиграциските предизвици, борбата против тероризмот и организираниот криминал, зголемување на соработката во одбраната од кибер- напади, Негативните ефекти од енергетската криза во Западен Балкан, како и отстранување на роаминг со земјите од Западен Балкан.
Безбедносните мерки во албанската метропола се на највисоко ниво, а на булеварот „Народни херои“, каде што опозицијата во 12 часот најави протест, како и на булеварот „Италија“ каде се наоѓа Конгресната палата, каде се одржува самитот, целосно е блокирано движењето со поставени полициски кордони.