Народната банка ја нормализира монетарната политика од крајот на минатата година преку своите монетарни операции, а од април наваму и преку зголемување на основната каматна стапка во неколку наврати. Банкарскиот сектор и натаму е добро капитализиран и ликвиден. Ова се наведува во изјавата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, во која објавуваат дека одобрувањето на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ) е во завршна фаза.
Во изјавата на ММФ се посочува дека инфлацијата во домашната економија главно е предизвикана од глобални фактори, но и дека има раст кај инфлациските очекувања, а пораст бележат и номиналните плати. Во вакви околности, ММФ бележи дека Народната банка започнала со постепено нормализирање на монетарната политика од крајот на минатата година со повлекување ликвидност преку интервенциите на девизниот пазар, а од април оваа година и со кумулативно зголемување на основната камата за 1,75 процентни поени. Во изјавата се наведува дека Народната банка треба и понатаму да ги презема сите потребни мерки за одржување на своите цели.
Во однос на банкарскиот сектор, се заклучува дека тој е ликвиден и капитализиран, а Народната банка будно ги следи движењата и е подготвена да преземе мерки доколку дојде до зголемување на ризиците за стабилноста на банкарскиот систем. ММФ искажува поддршка за усвојувањето на Законот за финансиска стабилност во јули годинава, како чекор со кој и натаму ќе се зајакне координацијата за макропрудентната политика и надзорот врз финансискиот систем, како и за останатите законски иницијативи коишто ќе овозможат подобра финансиска стабилност.
ПЛЛ е инструмент со кој ММФ обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди. Она што е од особено значење за нас е што овој инструмент им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти, практикуваат и ќе практикуваат здрави макроекономски политики и оттаму, имаат макроекономска стабилност.
При процесот на одобрување пристап до овој инструмент, се врши оцена на повеќе сегменти меѓу кои и на монетарната политика, платнобилансната позиција, супервизијата на финансискиот сектор, како и на соодветноста на статистичките податоци. Доколку кај која било од овие категории земјата има значителни слабости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент.
За овие две години, од почетокот на пандемијата наваму, Народната банка со политиката којашто ја водеше имаше за цел да ја одржи првенствено ценовната, а со тоа и вкупната макроекономска стабилност, но и да придонесе за ублажување на шокот за економијата преку водењето приспособлива монетарна политика. Ова беше наведено и во бројни извештаи на меѓународните финансиски организации при следењето на домашната економија. Главната цел на Народната банка и натаму е одржувањето на стабилноста.
Со аранжманот ПЛЛ на ММФ се поддржуваат политиките за нормализирање на економијата, по двата големи надворешни шокови. Во период кога економијата сè уште закрепнуваше од пандемијата, изгледите за забрзување на економскиот раст се влошија по руската инвазија на Украина, како и поради ненадејното зголемување на цените на енергијата и храната. Аранжманот ќе помогне за зајакнувањето на девизните резерви, ќе го поддржи економскиот раст и ќе овозможи мерки за заштита на граѓаните што се најпогодени од кризата преку повисоките трошоци за живот.