Мистериозниот блесок што синоќа го осветли небото над Киев покрена бројни шпекулации. Украинските власти прво сметаа дека станува збор за сателитот на НАСА што вчера требаше да падне на Земјата, но оттаму кажаа дека тој и натаму е во орбитата.
Украинските воздушни сили, пак, кажаа дека блесокот можеби се должи на метеорит, отфрлувајќи ја можноста дека станува збор за уште еден руски напад.
Силната светлина можеше да се види на небото околу 22 часот по локално време. Беше огласена тревога за воздушен напад, но противвоздушната одбрана не дејствуваше, потврди шефот на киевската воена управа Серхиј Попко.
„Според првичните информации, феноменот е резултат на падот на сателит на НАСА на Земјата“, кажа Попко.
Американската вселенска агенција пред неколку дена објави дека неупотреблив сателит тежок 300 килограми ќе навлезе во атмосферата в среда. Тој бил лансиран во 2002 и деактивиран во 2018.
„Во моментот на блесокот над Киев, сателитот и натаму беше во орбитата и требаше да влезе во атмосферата во текот на ноќта“, изјави шефот на комуникации во НАСА, Роб Марџета.