Преговори за зголемување на платите во администрацијата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе оствари средба со репрезентативните синдикати од администрацијата, за да продолжи процесот за усогласување на колективните договори и зголемување на платите, информираат од владината прес-служба.
Претходно, на 5 февруари, во Владата се одржа средба со претставници на УПОЗ, по која претседателот Трпе Деановски истакна дека Владата го прифатила нивното барање за зголемување на платите, но не во целост.
„Зголемувањето ќе биде на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти, за жал, не по 10. Не ги добивме минатата година, меѓутоа, еве, Владата прифати да ги исплаќа од сега со почетокот од март, преку начин што сите институции од државната управа и правосудството ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“, рече Деановски.
Тој појасни дека за реализација на договорот, треба да се изработи текстот на колективните договори во соработка со Владата, по што тие ќе бидат ставени на гласање пред телата на синдикатот.
„Ако членовите ги прифатат договорите, ќе може веднаш да се продолжи со нивно потпишување. Ако не прифатат, Владата ќе добие наш одговор дека веќе е изгубена една година, а работниците можеби ќе бараат и повисоки износи од она што сега е понудено“, додаде Деановски.
Од УПОЗ претходно информираа дека 95 проценти од досега изјаснетите синдикални организации ја прифатиле понудата на Владата за зголемување на платите за 40 проценти. Синдикатот најави работна средба со претставниците на Владата во наредната недела за финализирање на обемот и теркот на колективниот договор.
