Општина која беше во хаос денес бележи голем напредок, со нови образовни и спортски објекти

На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески. Тој истакна дека пред четири години општина Аеродром, општина која беше во хаос. Со нула транспарентност, максимална затвореност, тешка пристапност за граѓаните и општина која не работела во интерес на жителите.

„Ние пред четири години наследивме една општина која беше во хаос, општина која не работеше во интерес на граѓаните, беше максимално затворена и граѓаните имаа тешка пристапност. После само четири години, последниот извештај на ЦЕА за транспарентноста не рангира на второ место во Македонија, со максимален број на поени, што покажува дека многу работевме на транспарентност и отвореност кон граѓаните“, рече Митески.

Градоначалникот објасни дека општината претходно била предмет на урбан хаос, но сега статистичките податоци покажуваат значително намалување на издадените одобренија за градење.

„Пред четири години наследивме една општина која беше во хаос, со повеќе кранови за згради отколку насадени дрвја. Посветивме максимално внимание како институција да воведеме ред во тој урбан хаос. Споредбено со претходниот мандат, бројот на издадени одобренија за нови станови е намален за 86%, што значи многу помалку станови и многу повеќе вложување во инфраструктурата“, објасни Митески.

Тој истакна дека во Аеродром во исто време се градат основни училишта, детска градинка и спортски сали.

„Во изминатата година за прв пат се градат основни училишта, детска градинка и спортска сала, нешто што досега не се случило 20 години откако постои општината. Заедно со мојот тим градиме проекти кои не се само железо и бетон или хартија, туку проекти кои ќе донесат насмевки, радост, идни спортисти и вложувања во спортска инфраструктура. Во изминативе четири години работевме исклучиво во интерес на граѓаните за решавање на нивните проблеми“, додаде Митески.