„Во интерес на граѓаните, ќе реализираме капитални проекти. Многу скоро, после вториот круг на избори, почнуваме со првото кино и театар во Аеродром, веќе имаме потпишан договор, издадено одобрение за градење и за многу скоро ќе почнеме и со фактичка реализација на лице место“, вели Митески, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата Студио 10 на ТВ 24.
Митески истакна дел од капиталните проекти кои се предвидени да се реализираат во општина Аеродром, во интерес на граѓаните и со цел да се обезбедат подобри услуги и услови за живот.
„Изработка на сообраќаен проект за решавање на сообраќајниот хаос во Стар Аеродром и Мичурин за систем за еднонасочни улици и воведување на дополнителни паркинг места на постоечката инфраструктура којашто постои во тој дел на општината. Изградба на нова спортска сала во делот позади ФФМ, веќе е распишан тендер од страна на Министерството за спорт, и конечно да го оплемениме тој простор. Покрај спортска сала, предвидени се и отворени спортски терени. Во првата година од мандатот ќе започнеме со изградба на нова градинка, Пчелка 1 во населба Лисиче, се со цел да обезбедиме подобри услуги за граѓаните“, истакна Митески.
