Дејан Митески, в.д градоначалник на општина Аеродром во своето гостување во радио Лидер зборуваше за сметот во општината каде посочи дека тие како општина интензивно се борат со ова проблематика односно откога градоначалник на Град Скопје е Данела Арсовска. Имено тој објасни дека овој проблем е поради нефункционирање на градот.
– Тоа е еден од предизвиците со кои што интензивно се бориме особено 4 години откога градоначалник е Данела Арсовска. Иако постојано кажува и тврди дека Комунална Хигиена функционира нормално, но тоа можеме да го видиме и забележиме. Како општина ангажираме дополнително ресурси повеќе од 100 вработени секој месец кои што покрај Комунална Хигиена која што не си ја врши работата, одат да ги празнат контејнерите, да собираат кабест отпад, да чистат покрај контејнери по улици, по паркови и така натаму. Така да ова е реален, сериозен проблем поради нефункционирање на градот. Граѓаните во однос на вакви проблеми првично се обраќаат до општината затоа што општината е најблиска до граѓаните, рече Митески.
Тој во текот на своето гостување посочи дека оваа година како општина за прв пат се набавуваат 20 нови машини за косење на трева и дека со тоа ќе се дуплира капацитетот.
– Оваа година како општина за прв пат набавуваме 20 нови машини за косење на трева, со што ќе го дуплираме капацитетот. Последен пат во општина Аеродром машини за одржување на зеленило биле набавени во 2013 година, денеска сме 2025 година. Овој период целиот целокупното зеленило го одржувало градот Скопје. Сега се соочуваме со друг проблем каде градот Скопје не го одржува и мора да се прилагодиме на новонастаната ситуација, вели Митески.
Митески на крај додаде дека судир на надлежности има затоа што постојат две институции од кои едната која е под град Скопје не постапува, а другата која е под општина Аеродром ако постапи добива казна.
– Судирот кој што го имаме со градот е во однос на исполнување на нашите надлежности односно неисполнување. Постои проблем за кој што граѓаните претходно не биле свесни, односно односот помеѓу граѓаните и градот Скопје бил нормален и секоја институција си ги вршела своите задачи и граѓаните не приметувале дали е тоа општина Аеродром или град Скопје, важно било дека работат е завршена. Сега во овој момент имаме судир на надлежности имаме една институција од двете која што не постапува, а другата ако постапи добива казна, порача Митески.